Даскаловски: „Соколи“ ќе продолжат по ланските патеки

Борче Даскаловски во претходните две сезони ја имаше улогата на асистент во стручниот штаб на Карпош соколи, за летово да ја добие довербата на раководството на македонскиот вицешампион за улогата на прв тренер. Даскаловски не го крие задоволството од ваквиот развој на настаните, најавувајќи дека целта му е да продолжи со напорна работа да стигнува до добри резултати, слични на оние ланските со кои „соколите“ најпрвин го освоија трофејот во Купот на Македонија, а потоа стигнаа и до финалето од плејофот.

„Пред се би сакал да искажам благодарност до раководството на Карпош соколи за укажаната доверба. Мене ми е чест што ќе бидам тренер на овој тим, воедно и ми претставува обврска да продолжиме по ланските патеки, кога бележевме одлични игри и резултати. Целта на сите во клубот е да продолжиме по тој пат, а главниот фокус во моментов е ставен на учеството во европските купови, премиерно за Карпош соколи. Ќе бидеме дел од квалификациите за ЛШ, каде цел ни е што подобро да ја претставиме македонската кошарка. Секако, потоа ќе следи и настапот на домашната сцена“ – истакнува Даскаловски.

Младиот стручњак потенцира дека цел на клубот е да задржи што поголем дел од ростерот што настапуваше минатата сезона.

Како што веќе е познато потпишавме нов договор со Лабовиќ, можам да кажам дека 99% се завршени разговорите со Пенов и со Соколов. Во моментов приоритет ни се новите договори на Пери и на Зековиќ, а Мавра ќе биде на подготовки со хрватската репрезентација, што си го овозможи со настапите за нашиот клуб, по што ќе донесе одлука за својата иднина. Желба ни е да го задржиме костурот од ланскиот тим  и дополнително да се засилиме, како што беше тоа случај со Кире Николовски, кошаркар кој многу добро го познавам и за кој знам дека ќе ни помогне да ја кренеме играта на уште повисоко ниво“ – вели тренерот на Карпош соколи.

Македонскиот вицепрвак лани учествуваше и во АБА-лигата, но „соколите“ сезонава можат да бидат само дел од Втората лига на регионалното натпреварување, што ќе се формира во следниот период.

Мислам дека тоа е неправда кон нашиот клуб, по добрите игри и резултати ланската сезона сега да не бидеме во ситуација да сме дел од елитата во регионот. Карпош соколи заслужува да биде дел од Првата лига на АБА и се уште се надева на нејзино проширување. Доколку до тоа не дојде, ќе почне да се размислува за евентуално учество во Втората лига, за што секако конечната одлука ќе ја донесе управата“ – истакнува Даскаловски.

Се вчитува...