Де Грас: Можам да го победам Болт!

Канадскиот атлетичар Андре Де Грас, нема намера да стане најбрз спринтер помпензионирањето на Усеин Болт, туку сака да го победи најголемиот ривал на патеката. Де Грас истакнува дека е во добра форма и дека подготвен го чека големиот дуел со Болт на СП во Лондон.

„Ќе се обидам да победам оваа година.Чувствувам дека имам големи шанси за тоа и токму тоа сакам да го направам. Во топ форма сум и мислам дека можам“ – вели  Де Грас  во интервјуто за агенцијата АП.

Канаѓанецот имаше дуел со Болт на ОИ во Рио кога го освои сребрениот медал на 200 метри и „бронзите“ на 100 м. и во штафетата 4х100 метри,  со што стана прв канадски спринтер што освоил три медали на едни олимписки игри.

Болт тогаш изјави дека Де Грас го намачил во трката на 200 метри и после трката бил премногу исцрпен што го спречило да го поправи светскиот рекорд наредниот ден. Нова пресметка двајцата ривали ќе имаат летово на СП во Лондон што воедно ќе биде и проштален настап за Болт. Де Грас се подготвува за новата пресметка со големиот шампион и посебно работи на својот старт.

„Ова мора да биде врвен настап и ако е можно да направам нешто посебно. Би било одлично да имам сигурен старт и да се обидам да држам водечка улога. Мојата брзина на крајот е добра“ – вели Де Грас.

Светското првенство во атлетика ќе се одржи од 4 до 13 август во Лондон.

Се вчитува...