Дејвис: Пред нас е тежок меч, но можеме до триумф во Куманово

Кошаркарите на Пелистер имаат скор од пет победи и еден пораз во досегашните шест пресметки од македонскиот шампионат, а избраниците на Боро Даскалоски вечерва во 19 часот ги очекува нов предизвик, гостување против екипата на Куманово.

„Зелено-белите“ имаат пад во формата со последните порази од МЗТ Скопје и од Приевидза, но токму дуелот со кумановци е идеален за Пелистер да покаже карактер против силен ривал и на „жежок терен“ да стигне до посакуваниот триумф.

Американецот Кевин Брејси Дејвис, кој се наметна како еден од клучните играчи во тимот на Пелистер, верува дека може да се стигне до резултатот што сите во Пелистер го посакуваат.

„Секако дека сакаме победа во Куманово, верувам дека сме способни да одиграме на највисоко ниво и да триумфираме на овој гостински меч. Против себе имаме квалитетен тим, состав што е особено силен во рекетот, така што не очекува голема борба за секоја топка. Мораме да покажеме висока енергија ако сакаме да славиме над ваков ривал. Колективност во нападот, максимална ангажираност во одбраната, тоа е она што треба да се направи во текот на сите 40 минути. Сметам дека не треба да менуваме премногу во однос на последните мечеви без оглед што ги загубивме, она што треба да се поправи е да обрнуваме внимание на деталите во одбраната“, вели Брејси Дејвис.

Се вчитува...