Дервиши е второ засилување за Работнички, се чека на Исени и Кадриу

Со стартот на летните подготовки Работнички го официјализираше и второ свое засилување за следната натпреварувачка сезона, потпишувајќи договор со Енис Дервиши. Станува збор за перспективен 19-годишен фудбалер кој досега го носеше дресот на Шкендија.

Дервиши, кој настапува на позицијата десен бек, се појави и на денешниот прв тренинг на „романтичарите“ и ќе патува со тимот на подготовките во Словенија, обидувајќи се да се избори за место во екипата за претстојните натпревари од европските купови.

Работнички претходно го договори и трансферот на офанзивниот фудбалер на Ренова, Стојанче Велинов. Клубот во моментов е во преговори и со фудбалерите на Шкупи, Бесир Исени и Флоријан Кадриу. Наредниве денови треба дефинитивно да биде познато дали и тие ќе се приклучат на „романтичарите“.

Истовремено, на првиот тренинг не се појавија досега стандардните првотимци Горан Силјановски и Филип Ивановски, чии договори се истечени.

Се вчитува...