Дешамп: Мбапе не играше добро, ќе направам промени во тимот за следниот натпревар

Селекторот на светскиот шампион на Франција, Дидие Дешамп, планира да направи неколку измени во составот на својот тим за мечот против Казахстан в недела, по разочарувачкиот резултат од 1-1 против Украина, на почетокот на квалификациите за Светското првенство 2022 година.

„Петлите“ изгледаа уморно во Париз и не можеа да ја надиграт селекцијата на Андреј Шевченко.

„Треба да го освежам составот за следниот натпревар. Многу фудбалери во неделата играа првенствени натпревари во домашните шампионати и не успеаја да се опорават до мечот со Украина. Нема што да кријам, ќе има промена на натпреварот против Казахстан. Ни претстои долго, 11-часовно патување, и после тоа не очекува натпревар со Босна и Херцеговина. Украина нè доведе во непријатна позиција. Дојдоа тука да се одбранат. Ги гледав нивните 20 натпревари и на ниту еден не видов дека се толку дефанзивни. Како и да е, резултатот покажа дека нивниот тренер Шевченко ја заврши работата“, рече Дешамп на прес-конференцијата.

Најинтересниот дел од конференцијата беше коментарот на Дешамп за играта на една од неговите најголеми ѕвезди, Килијан Мбапе.

„Ќе разговарам со него со мирен тон. Мбапе знае дека не одигра добар натпревар. Тој не беше во најдобра форма. Противникот се прилагодуваше на неговата игра и тие секогаш имаа три или четворица играчи околу Килијан. Тактиката на Украина влијаеше на неговиот придонес. Сите треба да дадеме се од себе, за Килијан да има повеќе простор во играта“, додаде селекторот на Франција.

Се вчитува...