Детално: Се што треба да знаете за новата сезона во НБА

Раководството на НБА лигата ги откри сите детали од планот и каландарот за следната сезона, кој ќе започне на 22. декември и во која ќе бидат одиграни 72 натпревара, наместо вообичајните 82. Новиот формат кој ќе го видиме следната сезона е поради доцниот финиш на плејофот, како и запазување на рокот за престојните Олимписки игри во Токио кои ќе се одржат од 23. јули до 8. август.

Голема новост е новиот „плеј-ин“ турнир. Тоа е фаза на квалификациско доигрување, кое веќе беше организирано ова лето на „балонот“ во Орландо со три клуба, додека во следната сезона овој број ќе се зголеми на четири екипи и тоа оние кои ќе завршат помеѓу седмо и десетто место во двете конференции.

Седмопласираната екипа ќе игра на домашен терен против осмопласираниот за директен пласман во плејофот како седмо место, додека поразениот од овој дуел ќе игра против победникот од натпреварот помеѓу деветто и десето пласираниот тим, при што победникот од овој дуел ќе биде носител на осмото место на табелата.

Во согласност со пандемијата, клубовите ќе имаат скратени патувања. Секоја екипа ќе игра три пати против тим од својата конференција (42 натпревари), и секоја екипа ќе игра и два натпревара против екипа од друга конференција (30 натпревари). Точниот распоред за сезоната ќе биде постепено соопштен, согласно со тоа каква ќе биде ситуацијата со пандемијата.

Разигрувањето ќе започне на 22. мај, додека шампионот ќе биде познат најдоцна до 22. јули. „Ол-стар“ натпреварот е предвиден да биде одигран помеѓу 5. и 10. март, но за конечната одлука, дали тој воопшто ќе биде одигран лигата дополнително ќе одлучува.

Се вчитува...