Џабе трипл-дабл на Леброн, кога Кливленд загуби дома

Ниту „реновираниот“ тим на Кливленд не функционира премногу добро, па кавси синоќа претрпеа нов пораз, овојпат на домашен терен од Денвер со 117-126. Леброн Џејмс стигна до трипл-дабл од 25 поени, 15 асистенции и 10 скока, но и тоа не значеше многу кога актуелниот вицешампион одигра катастрофално во одбраната. Гостите погодија дури 19 тројки, од кои три во последните три минути, со што стигнаа до огромна победа над еден од најсилните тимови во лигата, а најефикасен во редовите на Денвер беше Гари Харис со 32 поени.

Неочекуван пораз на домашен терен претрпе и Сан Антонио, кој капитулираше пред своите навивачи од ЛА лејкерс со 112-116. Лонзо Бол постигна три тројки во последните три минути и донесе пресврт со кој „езерџиите“ стигнаа до петтата победа во серија, најдолга победничка низа за овој тим сезонава.

Најинтересниот натпревар се одигра во Хјустон, каде домаќините по голема битка го совладаа Бостон со 123-120. Џејмс Харден реализираше дабл-дабл од 26 поени и 10 асистенции, но најефикасен беше „резервистот“ Ерик Гордон, кој го заврши мечот со 29 поени.

Резултати НБА:

Орландо – Мемфис 107-100, Кливленд – Денвер 117-126, Мајами – Детроит 105-96, Хјустон – Бостон 123-120, Сан Антонио – ЛА лејкерс 112-116, Портланд – Оклахома 108-100, Сакраменто – Јута 101-108.

Се вчитува...