Џеј Ар Смит се обиде да ја објасни својата „глупост“

Првиот дуел од НБА финалето мина под знакот на тесната победа на бранителот на трофејот, Голден Стејт, но и на катастрофалната грешка што во финишот од регуларниот тек  ја направи играчот на Кливленд, Џеј Ар Смит.

Неговиот потег беше пресуден затоа што Кливленд не дојде во позиција за триумф и мораше да се соочи со пораз по продолженијата. Џеј Ар Смит стана мета за потсмев во целиот свет. Тој се обиде да го објасни потегот.

„Се обидував да направам доволно простор за шут. Погледав кон Леброн кој пак се обидуваше да побара тајм-аут и само застанав. Потоа натпреварот беше готов“ – вели Смит.

Сепак снимките покажуваат дека тој всушност не беше сигурен каков е резултатот.

Грешката на Смит го одведе натпреварот во продолженија, триумфираше Голден стејт и поведе со 1-0 во победи во финалната серија. Вториот натпревар ќе биде одигран повторно во Оукленд, ноќта недела кон понеделник.

Интересна беше и реакцијата на Леброн Џејмс на прес конференцијата по натпреварот. Новинарите инсистираа да зборува за потегот на Смит. Џејмс неколку пати повтори дека не може да знае што мислел неговиот соиграч во клучните моменти од натпреварот. По серијата прашања на оваа тема, Леброн ја напушти прес конференцијата велејќи „утре ќе биде подобро“.

 

Се вчитува...