Џејмс Харден е МВП на сезоната во НБА-лигата

Џејмс Харден е избран за најкорисен играч во изминатата сезона од НБА-лигата, по фантастичните бројки што асот на Хјустон рокетс ги оствари во текот на регуларниот дел од сезоната. Тој беше најдобар стрелец на лигата со 30,4 поени и 8,8 асистенции по натпревар, па иако не стигна до големото финале, Харден сепак заслужено се закити со МВП-признанието.

„Брадата“ е третиот член на Хјустон во историјата што доаѓа до оваа награда, по Мозес Мелоун и Хаким Олајџувон.

Бен Симонс од Филаделфија беше избран за дебитант на годината, додека наградата за најдобар дефанзивец во лигата заврши во рацете на Руди Гобер од Јута џез.

Виктор Оладипо од Индијана е кошаркарот со најголем напредок во лигата оваа сезона, најдобар шести играч е Лу Вилијамс од ЛА клиперс, додека за најдобар тренер во сезоната беше избран Двејн Кејси, кој одлично го водеше Торонто низ сезоната, но неочекувано доби отказ по елиминацијата во плејофот.

Се вчитува...