Џордан избра – ќе игра крај Новицки и Дончиќ во Далас

ДиАндре Џордан ја продолжува својата кариера во дресот на Далас маверикс, откако доминантниот центар пред неколку дена реши да го прекине договорот со ЛА клиперс, клубот каде настапуваше во целиот досегашен дел од кариерата, откако беше драфтуван од клиперси во 2008 година.

Џордан и пред три години беше поврзуван со Далас, трансферот беше пред реализација, но во последен момент се премисли и реши да остане. Сепак, клиперси во меѓувреме направија целосен ремонт, дозволувајќи заминување на Крис Пол и на Блејк Грифин, поради што и центарот реши да си замине, користејќи ја клаузулата во договорот.

Од неколкуте интересни понуди тој ја избра онаа на Далас вредна 24,1 милион долари за една сезона, по што тој следното лето ќе може како слободен агент да го избере својот нов клуб и да потпише долгорочен договор. Тој во минатата сезона имаше скор од 12 поени и 15 скокови по натпревар.

ДиАндре Џордан за соиграчи во новата средина ќе ги има словенечкото чудо од дете Лука Дончиќ, како и германскиот ветеран Дирк Новицки, кој пред неколку дена го раскина договорот за да обезбеди место во селари-капот токму за Џордан, но се очекува во следниот период да потпише нов договор со Далас.

Се вчитува...