Џордан Пикфорд – од Алфретон и Дарлингтон до англиски национален херој

Стигнувањето до пенал-рулет вообичаено за Англија значеше и крај на патот на светските шампионати. Сепак, овојпат ситуацијата беше поинаква, „гордиот албион“ за првпат во својата мундијалска историја одговори на предизвикот, ја елиминираше Колумбија и се пласираше во четвртфиналето од СП 2018.

Најзаслужен дефинитивно е Џордан Пикфорд, голманот кој покажа дека ја заслужува довербата на селекторот Саутгејт. Лани тој испадна од Премиер-лигата со Сандерленд, клубот каде израсна, но и каде немаа преголема доверба во неговите квалитети, па во претходните години го испраќаа на позајмици во клубови како Дарлингтон, Алфретон, Бартон, Карлајл и Брадфорд. Тој не се бунеше, напорно работеше и ја чекаше својата шанса. По трансферот во Евертон имаше просечна сезона на „Гудисон парк“, но најдоброто од себе го зачува за најважните моменти – настапите за Англија на овој мундијал.

Пикфорд со одбранетиот пенал на Бака стана првиот англиски голман што запрел удар во пенал-рулет уште од 1998 година, кога Дејвид Симан го стори тоа против Аргентина. Тогаш одбраната на Симан беше недоволна, но овојпат Англичаните погодија четири од петте обиди и се најдоа меѓу осумте најдобри селекции во светот.

Се вчитува...