Дибиров промаши победа за Вардар во Сегед

Серијата победи на Вардар во сите ракометни натпреварувања од стартот на сезонава беше прекината вечерва откако актуелниот европски првак одигра 26-26 на гостувањето против Пик Сегед. Противникот е квалитетен и крајно незгоден, па ремито не е лош резултат, но избраниците на Раул Гонзалес имаат за што да жалат откако Тимур Дибиров на десетина секунди до крајот промаши зицер што можеше да донесе цел плен од Унгарија.

Првото полувреме мина во израмнета игра во која главниот збор го имаа голманите. Двата тима на самиот почеток се менуваа во предност, Вардар првпат поведе во 7. минута преку Кристопанс со 2-3, за потоа Пик Сегед повторно да го сврти резултатот во своја полза. Унгарскиот вицепрвак во неколку наврати водеше со по два гола, за посериозно да се одлепи на четири минути до крајот, поведувајќи со 13-10. И тогаш „вардарци“ се разбудија, влегоа во посакуваниот ритам и за помалку од три минути израмнија на 13-13. Македонскиот првак имаше и два шута за водство, но откако Чупиќ и Борозан беа непрецизни, Бодо реализираше во самиот финиш за водство на Пик Сегед од 14-13. Циндриќ имаше четири гола за „вардарци“ во првото полувреме, но во главна улога беше голманот Штербик со девет одбрани, наспроти седум на Сиера на голот на домаќините.

sterbik mu se smee na balog

И на стартот од вториот дел во елемент беа чуварите на мрежата, па Сиера со две одлични интервенции (меѓу нив и одбранет пенал на Чупиќ) не дозволи Вардар во 35. минута да поведе со 15-16. Казната стигна на спротивната страна кога Пик Сегед влезе во серија, па со двата гола на словенечкиот пикер Габер поведе со 18-16, по што Раул Гонзалес побара тајмаут. Веднаш по тајмаутот Сиера му одбрани зицер на Циндриќ, па домаќините дојдоа и до 19-16, но Вардар покажа зошто е европски шампион и повторно за само неколку минути се врати, израмнувајќи на 19-19.

Бунтиќ погоди два пати во краток период, а потоа Чупиќ промаши уште еден седмерец, па Пик Сегед влезе во последните осум минути со предност од 23-21. И уште еднаш кога беше најважно за Вардар во ритам влезе Арпад Штербик, кој со две одбрани ги врати „црвено-црните“ во игра. Вардар имаше напад за израмнување при 25-24 на три минути до крајот, но Борозан го промаши додавањето до Стоилов, по што Бунтиќ погоди од полуконтра за водство на ПИК Сегед од 26-24.

Борозан имаше многу среќа откако по уште едно лошо додавање топката му се врати в раце, па Црногорецот стрелаше за 26-25 на помалку од 90 секунди до крајот. Одбраната одговори на предизвикот, па следеше гол од контранапад на Македа, за израмнети 26-26 на една минута до крајот. Дибиров ја имаше меч-топката во свои раце откако Вардар тргна во контра за победа, но руското крило шутираше над гредата. За среќа на Вардар последниот удар на домашните ракометари исто така беше непрецизен, па овој меч заврши со израмнети 26-26, со што е прекината серијата победи на „вардарци“ што траеше од самиот почеток на оваа сезона во сите натпреварувања.

Борозан со осум и Циндриќ со седум гола беа најефикасни кај Вардар, заедно со одличниот Штербик на голот, додека прв стрелец на Сегед беше Бунтиќ со пет погодоци.

Се вчитува...