Диего Коста одлучи – оди во Кина за 30 милиони евра годишно

Страстите меѓу Диего Коста и Антонио Конте се смирени само привремено, откако шпанскиот голгетер добил уверување дека на крајот од сезонава ќе му биде дозволено да си замине од Челси. Ова го јавува шпанската радио станица „Кадена СЕР“, повикувајќи се на извори блиски до самиот голгетер кој веќе го има договорено својот следен трансфер.

Кина дефинитивно ќе биде следната дестинација на екс-фудбалерот на Атлетико Мадрид, откако Коста ги договорил личните услови со клубот чие име засега се држи во тајност. Платата на голгетерот ќе изнесува огромни 30 милиони евра по сезона, што е четири пати повеќе од она што во моментов го заработува во Челси. Лондонскиот клуб би заработил 85 милиони евра од продажбата на овој фудбалер, пари што потоа се очекува да бидат инвестирани за доведување на нов врвен напаѓач (Кавани и Мората се наоѓаат на врвот на листата со желби на Антонио Конте).

Коста и минатото лето беше поврзуван со заминување од „Стемфорд бриџ“, но на крајот остана во Челси, го смири незгодниот темперамент и се наметна како еден од лидерите на „сините“. Сепак, неодамна дојде до конфликт меѓу него и Антонио Конте, поради што Шпанецот воопшто не отпатува со тимот на гостувањето против Лестер. Во меѓувреме тензиите беа намалени, на Коста јасно му беше ставено до знаење дека нема шанси да му биде дозволен трансфер среде сезона, кога не може да биде ангажирана адекватна замена, но речиси сигурно е дека овој темпераментен фудбалер во текот на летото ќе замине на Далечниот Исток.

Се вчитува...