Димитриевски: Направив вистински избор со Рајо Ваљекано, сега сакам победа во Гибралтар

ЕКИПА во Гибралтар,

Владимир Булатовиќ

Првиот избор на голманската позиција во македонската репрезентација, Столе Димитриевски очекувано далеку порастеретено се најде на првиот репрезентативен собир пред стартот во Лигата на нациите по реализацијата на трансферот во шпанскиот прволигаш Рајо Ваљекано.

Долго очекуваше Димитриевски завршување на „трансфер сагата“ за да сега комплетно се фокусира на настапот во националниот дрес.

„Меѓу неколкуте понуди кои ги имав на моја адреса мислам дека направив вистински избор со Рајо Ваљекано. Пресудно во мојата одлука беше тоа што одбрав тим во кој ќе бидам прв голман и ќе бранам. Тоа ми беше најважно. Сигурно Ла Лига е нов голем предизвик за мене во кој сигурен сум дека соодветно ќе одговорам“ – ни изјави Димитриевски по денешниот прв тренинг на репрезентацијата во Гибралтар, дополнувајќи дека сега максимално е фокусиран на двата натпревари во Лигата на нациите.

„Јас и додека чекав на трансферот активно тренирав во Гимнастик. Максимално сум подготвен за репрезентативните настапи. Репрезентацијата ми е најважна во моментов. Сигурно сакаме да ја оправдаме фаворитската улога овде во Гибралтар. Веруваме во нашиот квалитет и без сомнение целта е да се дојде до првата победа во Лигата на нациите. Потоа ќе мислиме за следниот дуел со Ерменија“ – вели Димитриевски.

Се вчитува...