Димитријевиќ држеше час по кошарка против Партизан

Уникс Казањ го освои третото место во Супер-купот на ВТБ-лигата откако рускиот клуб во малото финале славеше над Партизан со резултат 83-77. Во главна улога беше македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, кој беше кошмар за играчите на Партизан, завршувајќи го мечот со 30 постигнати поени.

Првото полувреме мина во тактичко надмудрување на Перасовиќ и Обрадовиќ, а белградските „црно-бели“ беа тимот што замина на одмор со предност од четири поени (43-39). Проблем за Обрадовиќ беше втората намерна, воедно и исклучувачка лична грешка на Американецот Пантер, што се одрази на играта во напад на Партизан во клучните моменти.

Уникс на спротивната страна го имаше расположениот Димитријевиќ, кој постигна дури 12 поени во последните шест минути од натпреварот. Македонскиот ас го заврши дуелот со 30 поени зад своето име и извонреден шут (3/5 за тројка, 8/9 за два поени и 5/5 за еден поен), погаѓајќи и две тројки во завршните три минути, за целосно кршење на отпорот на противникот.

Се вчитува...