Димитријевиќ и Валенсија го решија Обрадорио, во плејофот против Басконија

Ненад Димитријевиќ и Валенсија стигнаа до уште еден значаен триумф во шпанската Ендеса-лига, откако вечерва како гости го совладаа составот на Обрадорио со резултат 85-89. Со овие бодови, Валенсија остана на третото место на табелата во пресрет на плејофот, каде Димитријевиќ и соиграчите ќе ги очекуваат четвртфинални дуели со Басконија.

Валенсија одигра импресивно во првите три четвртини во кои гостинскиот состав целосно го контролираше резултатот. Пред крајот на третиот период Валенсија имаше и најубедливи „плус 16“, но во последните десет минути дојде до голем пад во играта на оваа екипа, по што Обрадорио се врати, па за момент дури и поведе. „Портокаловите“ сепак навреме се разбудија, го кренаа нивото во завршните две минути и на крајот стигнаа до победата.

Димитријевиќ одигра нецели 15 минути и тренерот Пењароја повторно не го стави во игра во клучните моменти, но македонскиот репрезентативец за својата минутажа оствари добри бројки, осум поени и четири асистенции. Најефикасен во таборот на Валенсија беше Дубљевиќ со 22, пред Ван Росом со 16 поени.

Се вчитува...