Динамо го носи Просинечки на клупата, и Седлоски меѓу кандидатите за нов тренер

Легендарниот хрватски фудбалер, поранешен селектор на Азербејџан и БиХ, Роберт Просинечки е најголемата желба на Динамо Загреб за нов шеф на стручниот штаб.

Просинечки во моментов е тренер на турскиот Кајсериспор, но како што пренесува хрватски „Спортске новости“, подготвен е да го прифати предизвикот кој го нуди Динамо Загреб. Наводно веќе почнати се разговори меѓу двете страни, кои наредниве денови треба да дадат одговор.

Меѓу кандидатите за нов тренер, како што пренесува „Спортске новости“, се спомнува и името на поранешниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски кој во моментов е тренер на втората екипа во клубот. Но, мали се шансите за реализација на такво нешто.

Како што е познато, Динамо Загреб вчера му врачи отказ на Јовичевиќ кој „модрите“ ги водеше само на седум натпревари, а мораше да замине од клубот по поразот од Ријека.

Се вчитува...