Динамо „трие раце“ – Олмо прави рекорден трансфер

Дани Олмо беше подготвен да остане во Динамо Загреб до крајот на сезонава, но елиминацијата на хрватскиот клуб од европските купови ги промени плановите и на фудбалерот и на управата на „модрите“. Според последните информации, шпанскиот суперталент е подготвен да си замине од „Максимир“ и да се врати назад во татковината, откако од Атлетико Мадрид добил понуда што не може да се одбие.

Финансиските детали од договорот што му бил понуден на Олмо не се обелоденуваат, но се шпекулира дека се најмалку четири пати повисоки од она што тој го заработува во Динамо Загреб. На Диего Симеоне му е јасно дека му недостига креација во играта сезонава, па аргентинскиот стратег се надева дека со ангажманот на овој извонреден играч за врска ќе ја пополни таа празнина во својата екипа.

Во ситуација кога Олмо го следат и Барса, Арсенал, Манчестер Сити и уште неколку клубови ширум Европа, јасно е зошто Атлетико инсистира на јануарски трансфер, за што поскоро да ја победи конкуренцијата во оваа трка. Затоа, за Динамо е подготвена понуда од 40 милиони евра за Олмо, што ќе биде апсолутен рекорд за продажба на хрватскиот првак, уривајќи го рекордот на Марко Пјаца, кој пред неколку години замина во Јувентус во трансфер вреден 23 милиони евра.

Се вчитува...