Добра вест за Хрватска – Вида доби само опомена од ФИФА

Хрватските репрезентативци можат да здивнат откако попладнево беше обелоденето дека Домагој Вида нема да биде суспендиран за политички пораки за време на мундијалот, откако победата над Русија ја посвети на Украинците (тој долги години настапуваше за Динамо Киев).

Иако беше најавувано дека тој би можел да добие суспензија од два натпревари, ФИФА по собирањето на доказите реши да не биде строга кон Вида, изрекувајќи му само опомена. Ова значи дека дефанзивецот сигурно ќе се појави во тимот за дуелот со Англија, најверојатно на позицијата десен бек откако стандардниот Врсаљко заработи повреда во финишот од мечот со Русија.

„Жал ми е што дел од медиумите на ваков начин ја протолкува нашата комуникација. Секако дека не се работеше за политичка порака, туку само за благодарност за поддршката од Украина, каде јас и Вукојевиќ игравм долги години. Не ни беше намера да навредиме некого, низ кариерата сум играл со соиграчи од многу земји и сите исклучително ги почитувам. Имам  многу пријатели во Украина, исто така имам и во Русија и исклучително сум горд на тие пријателства. Среќен сум што знам да зборувам на руски јазик, уживам во руското гостопримство на ово мундијал и искрено се надевам дека таа изјава нема да биде разбрана на поинаков начин, освен како зборови на благодарност до Украинците за поддршката, не само на мечот против Русија туку и севкупно на целиот мундијал“ – изјави Вида.

Се вчитува...