Договорено: Борко Ристовски и Мишевски потпишуваат за Вардар

Македонските репрезентативци Борко Ристовски и Марко Мишевски се двете засилувања што ќе потпишат договори со Вардар, во обид да помогнат „црвено-црните“ да се стабилизираат од големата криза и успешно да ја финишираат сезоната на домашната сцена. ЕКИПА веќе најави дека Ристовски и Мишевски се пред трансфер во Вардар, а во меѓувреме беа договорени и последните детали, па двајцата репрезентативци во следните денови и официјално ќе се преселат во редовите на двократниот европски првак.

Ристовски се враќа назад во Вардар од редовите на Бенфика. Тој мина успешна авантура во Португалија, но се реши за камбек во тимот кој му помогна да ја трасира успешната кариера, во која го носеше и дресот на Барселона, Рајн-Некар Левен, Гумерсбах, Кретеј… Доаѓањето на репрезентативниот голман, надополнето со одличната форма на Кизиќ, ќе значи и дефинитивно „бришење“ на Гедбан, кој во меѓувреме го договори летниот трансфер во Адемар Леон.

Заедно со него назад во Вардар ќе се врати и Марко Мишевски. Овој млад ракометар, кој настапува како лев бек, а се промовира и како одличен дефанзивец, до пред неполна година беше член на „вардарци“, но си замине бидејќи клубот не сметаше сериозно на него. Тој го мина изминатиот период во францускиот нисколигаш Гренобл, овој клуб во меѓувреме се соочи со огромна финансиска криза, па Мишевски се реши експресно да се врати во татковината и повторно да го облече дресот на Вардар.

Се вршат напори за трансферите да бидат комплетирани што поскоро, за двајцата ракометари да можат да настапат во четвртфиналните пресметки од СЕХА-лигата против хрватскиот вицепрвак Нексе, закажани за 8 и за 15 март.

Се вчитува...