Дракслер ставен на трансфер-листа, ПСЖ чека понуди

Џулијан Дракслер дефинитивно ќе биде меѓу фудбалерите кои летово ќе си заминат од Пари сен Жермен откако на германскиот ас му било соопштено дека не е дел од плановите за тимот во новата сезона. Тоа беше јасно уште од самото доаѓање на Нејмар, кој настапува на идентична позиција со Дракслер, но француските медиуми објавија дека Германецот веќе е ставен и на трансфер-листа, се со цел неговото заминување да биде што поскоро финиширано.

ПСЖ во јануари плати  40 милиони евра за да го доведе крилниот офанзивец од Волфсбург, Дракслер играше сосема солидно на натпреварите на кои добиваше шанса, но никогаш не го изгради статусот на лидер што тренерот Емери го очекуваше од него. Според весникот „Л’Екип“, токму тоа е една од главните причини поради кои „светците“ сакаат што побрзо да го продадат, дури и за сума пониска од онаа што ја платија за неговите услуги.

Агентот на Дракслер пред петнаесетина дена беше фотографиран во Барселона, како најава за можен трансфер на „Камп ноу“, а понуди за овој фудбалер подготвуваат и премиерлигашите Арсенал, Ливерпул и Челси.

Се вчитува...