Драма во Автокоманда: Охрид освои бод против Металург

Металург и Охрид ремизираа 29-29 во дерби-дуелот од осмото коло во ракометната Супер-лига, меч во кој конечниот исход се чини е и најреален со оглед на бројните пресврти на теренот во салата „Автокоманда“.

Во првиот дел од првото полувреме се водеше израмнета игра, но Металург потоа се најде во голема криза во нападот, не успевајќи да постигне гол од 16. се до 25. минута. Охриѓани знаеја како да го искористат тоа и поведоа со 10-15, на одмор заминувајќи со предност од 13-17. Јасно беше дека Металург нема да се предаде, домашниот тим од минута во минута ја топеше негативата, израмнувајќи на 25-25 и потоа поведувајќи со 27-26.

Кога избраниците на Кастратовиќ поведоа со 29-27 се чинеше дека ја имаат победата во раце, но потоа „металурзите“ во преостанатите четири минути не постигнаа ниту еден гол, па Охрид со погодоците на Кривокапиќ и на Тот стигна до голем бод на ова тешко гостување.

Мариќ постигна шест, а Поповиќ пет погодоци за „металурзите“, додека најефикасни кај Охрид беа Тот со осум и Кривокапиќ со седум постигнати гола.

Се вчитува...