Драма во Москва – Англичаните прерано славеа, Мина донесе продолжение

Вистинска драма се случува на последниот осминафинален меч од овој мундијал меѓу Колумбија и Англија, што ќе биде решен по дополнителни 30 минути игра. Англичаните имаа водство од 1-0 до самиот финиш, но потоа примија гол во судиското продолжение, трет за Јери Мина за Колумбија на овој светски шампионат.

Првите 45 минути минаа во тактичко надмудрување на средината од теренот, при што најубавата шанса ја пропушти Хари Кејн, со глава биејќи за малку над гредата по едно нафрлување од десната страна. Второто полувреме донесе многу повеќе возбудувања, но и тензии откако Англија поведе со гол од пенал преку Хари Кејн. Англискиот капитен беше фаулиран при еден корнер, судијата оправдано покажа на белата точка, Кејн самиот ја презеде одговорноста и погоди, по што јужноамериканските фудбалери почнаа бурно да реагираат на секоја судиска одлука.

Пекерман направи неколку офанзивни промени, но Колумбија до судиското продолжение создаде само една единствена шанса, откако Вокер почетнички загуби топка на средината од теренот, следеше фуриозен контранапад што Квадрадо го финишираше почетнички, со крајот непрецизен шут. А потоа почна колумбиската фешта, најпрвин Пикфорд едвај го одбрани ударот на Урибе од триесетина метри, за по корнерот Мина да скокне највисоко и да израмни со глава на 1-1, шокирајќи ги англиските фудбалери и навивачи и носејќи го мечот во продолженија.

Ова беше трет гол на дефанзивецот на Барса на ова СП, воедно и прв погодок што Англија го прима во судиското продолжение во својата мундијалска историја, во најлош можен момент за „гордиот албион“.

Се вчитува...