Драма во Нотингем со хепиенд за Челси

Челси долго време играше променливо во Премиер-лигата, но одличните игри во последните натпревари придонесоа тимот на Маурицио Покетино да се врати во игра дури и за пласман во европските купови. Денешниот триумф во Нотингем против Форест од 2-3 значеше и искачување на седмото место, со ист број бодови како и Њукасл на шестата позиција која води во европските натпреварувања наредната сезона.

Денешниот натпревар беше супердраматичен, Мудрик погоди рано на асистенција на Палмер и се чинеше дека „сините“ рутински ќе слават, но Нотингем возврати, најпрвин израмни преку Боли, а во 75. минута дојде и во водство со погодокот што го постигна Хадсон Одои.

Челси воскресна благодарение на резервите, Стерлинг биеше прецизно за 2-2, а новиот пресврт го комплетираше Џексон по центаршутот на Рис Џејмс, кој конечно се врати на терените по долгата пауза поради повреда.

Нотингем и покрај поразот има огромни шанси за опстанок, ако се знае дека „шумарите“ во пресрет на последното коло имаат три бода предност и 12 гола подобра гол-разлика од Лутон на 17. позиција. Во последното коло Нотингем му гостува на испаднатиот Барнли, додека Лутон го пречекува тимот на Фулам.

Се вчитува...