Хрватски пенал-мајстори, Русија е во солзи

Хрватска е последниот полуфиналист на СП 2019 откако „коцкестите“ во супердраматичен натпревар дури по изведување на пеналите ја совлада Русија. По 90 минути игра резултатот гласеше 1-1, Мати Фернандез стана херој со голот за израмнување на 2-2, но Бразилецот со руски пасош се претвори во трагичар промашувајќи го клучниот пенал. Хрватите се покажаа како пенал-мајстори, па по Данска сега и Русија беше елиминирана со удари од единаесет метри, изборувајќи се за полуфинална пресметка со Англија.

Првите триесетина минути не донесоа преголема фудбалска убавина, Русите играа дисциплинирано во одбраната, а Хрватска не ги искористи оние две-три полушанси што ги создаде. А потоа, се се промени во еден миг – со евроголот што Черишев го постигна од над дваесет метри, за ерупција од воодушевување на домашните навивачи на стадионот во Сочи. Хрватите уште повеќе притиснаа и пред крајот на полувремето успеаја да израмнат, Крамариќ беше стрелец на асистенција на Марио Манџукиќ.

„Коцкестите“ беа подобар противник и во второто полувреме, но иницијативата не ја крунисаа со погодок откако во стопроцентна шанса се најде Перишиќ. Асот на Интер ја задржа топката во свој посед, се намести и биеше во внатрешната страна од дирекот, но топката сепак не се одби во мрежата, туку се врати во поле. Русија најубавата шанса ја имаше во 71. минута кога Ѕјуба биеше за малку над голот, а на спротивната страна во одлична позиција се најде и Модриќ, но неговиот шут беше блокиран во последен миг.

Продолженијата почнаа со израмнета игра, а потоа во 100. минута – шок за Русија. По еден корнер од десната страна највисоко скокна Вида, кој со прецизен удар со глава го матираше Акинфеев. Домаќините немаа што да загубат, тргнаа во офанзива и во 115. минута стигнаа до израмнување. Пивариќ почетнички реагираше играјќи со рака на работ од шеснаесетникот, а по слободниот удар на вистинско место се најде десниот бек Фернандез, погодувајќи за 2-2 со својот прв гол во дресот на руската репрезентација. Зобнин го упати последниот удар во 119. минута, Субашиќ одбрани, па последниот полуфиналист на СП 2018 беше решен со изведување на пенали.

Хрватска веднаш стигна до предност откако Субашиќ веќе во првата серија го одбрани ударот на Смолов, додека Брозовиќ беше прецизен. Веќе во втората серија – израмнување, Џагоев погоди за Русија, додека Акинфеев го одбрани шутот на Ковачиќ.

Фернандез беше херој во продолжението, но се претвори во трагичар откако биеше крај дирекот, за Модриќ со многу среќа да реализира за водство на Хрватска од 2-1 за комплетирање на третата серија од пенал-рулетот. Потоа прецизен беше и Вида, за идентично како и против Данска, последниот удар и најголемата одговорност да ги има Иван Ракитиќ. Асот на Барселона повторно беше прецизен, за второ мундијалско полуфинале на Хрватска во историјата на оваа земја.

Дуелот меѓу Англија и Хрватска на програмата е в среда, а еден ден претходно во првата полуфинална пресметка силите ќе ги одмерат Франција и Белгија.

Се вчитува...