Дрита Ислами претпоследна во групата, севкупно на 25. место на трката на 400 метри на ЕП

Македонската репрезентативка во атлетика, Дрита Ислами, го освои 25. место на европското првенство во сала што се одржува во Истанбул, во дисциплината 400 метри.

Таа беше дел од првата квалификациска трка во денешната програма, при што Ислами ја мина делницата за 55.86 секунди, што е за две стотинки послабо време од нејзиниот рекорд за оваа натпреварувачка сезона. Ислами беше претпоследна во својата трка, зад нејзе се најде само атлетичарката од Андора, Дуња Вињалс, а севкупно гледано Ислами го имаше 25. најдобро време во конкуренција на 27 атлетичарки.

Вториот македонски учесник на овој европски шампионат, Дарио Ивановски, утре ќе учествува во трката на 3.000 метри.

Се вчитува...