Дупјачанец: Металург како да е проколнат, еден играч добиваме, друг губиме…

Ракометрите на Металург вечерва (18.45 часот) ќе го одиграат и вториот натпревар од двомечот со Висла Плоцк во рамките од Лигата на Европа. Првиот дуел заврши со убедлив триумф на полскиот вицепрвак од 38-19, а сличен епилог се очекува и на вечерашната пресметка, со оглед на големите проблеми со повредите и коронавирусот со кои се соочува тренертот Димитриоски.

Црногорскиот интернационалец Калуѓеровиќ ќе дебитира за Металург на вечерашниот дуел, но во однос на првиот меч Металург ќе биде значително ослабен во одбраната по повредата што ја заработи Велко Маркоски.

Се наоѓаме во незавидна ситуација, се наоѓавме и пред тоа. Дури се чини некако како да сме проколнати, еден играч добиваме, а друг губиме. После дуелот со Чеховски, го загубивме Хорват поради позитен ковид-тест, кога мислевме дека малку ќе дигнеме глава со доаѓањето на Василие Калуѓеровиќ, за жал го загубивме Велко Марковски. И сами видовте како се одвиваше претходниот натпревар, немавме ротација и со тоа немаме ни свежина, а сепак играме против еден сериозен противник. Тоа немање на свежина ја прави дополнително потешка ситуацијата. Но, што е тука е! Тука сме да одиграме. Се надевам на подобро издание на денешниот натпревар“, вели голманот Даниел Дупјачанец.

Според искусниот чувар на мрежата, младите кои добиваат шанса поради сите овие проблеми на „металурзите“ добиваат огромно искуство што ќе им биде од драгоцено значење во кариерите.

„Некои помлади играчи добија шанса на претходните два натпревари во Европската лига и мислам дека од натпревар во натпревар ќе бидат подобри. Искуството што го стекнуваат на овие натпревари ќе биде дополнителен мотив уште подобро да се претстават на утрешниот натпревар. Треба да ги искористиме овие натпревари за добивање на нови играчи, да добијат поголема минутажа и драгоцено искуство. Добро е што играме без разлика колку е сложена целата ситуација. Можевме да си направиме дополнителни компликации со евентуално откажување на овие натпревари со Висла Плоцк, да загубиме службено или да си направиме уште погуст распоред во, за нас побитниот период, кога почнува нашето првенство. А, на овој начин сметам дека ги добиваме овие играчи за во иднина. Секоја чест на борбеноста што ја прикажуваат и мислам дека имаме добри услови вечерва да се прикажеме во подобро светло отколку на претходниот натпревар“, истакнува Дупјачанец.

Се вчитува...