Кевин Дурант ги разреши сите дилеми околу својата иднина потпишувајќи нов двогодишен договор со тимот на Хјустон рокетс. Одличиот крилен кошаркар пристигна летово во Хјустон во размена за неколку кошаркари, но во клубот од Тексас владееше страв дека немаат простор во буџетот за да го „врзат“ Дурант со подолгорочен договор.
Сепак, суперѕвездата изненади со својот однос, прифаќајќи да остане во Хјустон и да потпише договор на две години за вкупно 90 милиони долари, иако согласно правилата во НБА му следеше максимален договор од 120 милиони долари.
Дурант очигледно во Хјустон препозна тим со кој повторно ќе може да ја нападне титулата, поради што ја прифати понудата и ќе остане во овој клуб до јуни 2028 година.
До истекот на овој договор Дурант ќе има инкасирано вкупно 598,2 милиони долари само од играчката кариера, со што ќе стане најплатен кошаркар во историјата на НБА. За споредба, Леброн Џејмс на истекот од оваа сезона ќе има 583,9 милиони долари, но доколку „кралот“ по истекот на договорот со ЛА Лејкерс се реши за нов клуб ќе го мине Дурант на оваа „вечна ранг-листа“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

