Два гола, бледо второ полувреме…, лесни три бода од Гибралтар (ВИДЕО)

ЕКИПА во Гибралтар,

Владимир Булатовиќ

Македонската фудбалска репрезентација со победа стартуваше во Лигата на нациите славејќи со 0-2 (0-2) на гостувањето против Гибралтар. Во игра под очекувањата, посебно во второто полувреме кога не создадовме ниту една посериозна шанса, македонските фудбалери сепак стигнаа до однапред планираните три бода, само како увертира за она што ги очекува за три дена против Ерменија во Скопје.

Бледо го почнавме мечот на „Викторија стадионот“ во Гибралтар некако испитувајќи ги силите на противникот во првите 15 минути. Првата шанса за македонскиот состав дојде во 17. минута, но Тричковски шутираше над голот на домашните. Сепак, тоа што не се реализираше во 17. минута, Тричковски на ефектен начин го заокружи само две минути подоцна за водство од 1-0. Одличен продор на Стефан Ристовски по десната страна, нафрли пред голот на Гибралтар каде Тричковски ефектно со волеј удар од 11 метри смести под гредата на домашниот голман.

Во 34. минута нова 100% шанса за Македонија. Но, Енис Барди иако изби сам пред домашниот гол шутираше од непосредна близина директно во противничкиот голман.

Веќе две минути потоа ноф ефектен погодок на македонските репрезентативци. По корнерот од левата страна, одбиената топка на вториот дирек ја дочека Алиоски и со одличен шут сместувајќи во спротивниот агол носи водство од 2-0.

Македонија имаше можност да дојде и до повеќе од убедливи 3-0 пред полувремето, но Голдвин одлично го одбрани шутот на Спировски од под самата греда.

Во вториот дел тотален пад во играта на македонскиот тим. Сличен почеток на избраниците на Ангеловски како во првиот дел, но и далеку порезервирано во офанзивата… Во 56. минута со ножички се обиде Алиоски но за малку покрај десниот дирек од голот на Голдвин. И тоа беше главно се во второто полувреме.

И тоа како беше очигледен недостатокот на Горан Пандев на терен во вториот дел не успевајќи да создадеме посериозни можности против, и на моменти, преагресивните домаќини. Но, најважно од се, како и да е, контролирајќи ја целокупната ситуација стигнавме до триумфот и однапред планираните три бода против аутсајдерот!

ЛИГА НАЦИИ – Д (Група 4)

ГИБРАЛТАР – МАКЕДОНИЈА 0-2 (0-2)

„Викторија стадион“ во Гибралтар. Гледачи: 2.000. Главен судија: Јенс Мае (Данска). Стрелци: Тричковски 19′, Алиоски 36′ (М). Ж. картони: Барнет (Г); Алиоски (М).

ГИБРАЛТАР: Голдвин, Чиполина, Серџен, Касеиро (90′ Гарсија), Бардон, Вокер, Понс (75′ Гаро), Оливеро, Барнет, Хернандез и Де Бар.

Селектор: Хулио Рибас

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Ристески, Алиоски, Барди (85′ Бејтулаи), Николов, Спировски, Трајковски (68′ Елмас), Тричковски, Пандев (46′ Несторовски).

Селектор: Игор Ангеловски

Се вчитува...