Една од најдобрите македонски кошаркарки во историјата, Јелена Антиќ, стави крај на кариерата!

Една од најдобрите македонски кошаркарки во историјата, Јелена Антиќ, и официјално објави крај на играчката кариера на свои 32 години.

Антиќ, без сомнение со исклучителен кошаркарски квалитет, поради бројните повреди не успеа да изгради кариера согласно потенцијалот, но и тоа зад себе остави силна трага и во клупската и во репрезентативната кариера.

„Имав само 15 години кога заминав од дома за да го следам својот сон. Мојот кошаркарски сон. 17 години подоцна може да кажам дека кошарката ми го подари светот. Светот на можности. Јас и ги дадов срцето, телото и умот. Вистинска длабока љубов. Но, последните години беа исцрпувачки, физички и психички. Ти благодарам за се добро и лошо, за сите победи и порази, насмевки и солзи, сеќавања и лузни. Ова не е збогум, само ќе те гледам од другата страна на линијата“ – вели во својата објава Антиќ, најавувајќи на тој начин дека продолжува во кошарката со тренерската кариера, каде веќе се проба на клупско и на репрезентативно ниво додека се опоравуваше од тешката повреда.

Антиќ својата кариера ја стартуваше во екипата на Младинец, за рано да се пресели во САД каде што настапуваше прво за екипата на средното училиште „Либерти Академија“, а потоа и за Универзитетот Ливерти флејмс. По враќањето од САД најпрво настапуваше за белградски Партизан, каде што мина три сезони, а потоа и за Радивоје Кораќ (Србија), Макаби Ашдод (Израел), ЦСУ Алба (Романија), Лулеа Баскет (Шведска), Висла Краков како и за македонскиот тим Баскет Кам. Зад себе има три шампионски пехари, исто толку трофеи во Купот на Србија и во женската АБА-лига, сите освоени во дресот на Партизан.

Се вчитува...