Египет е во осминафиналето, Австралијците се коцкаа и загубија

Египет е 14. селекција што успеа да стигне до билет за осминафиналето од СП 2026 откако во вечершната трилер-завршница славеше на пенали против Австралија, откако по 120 минути играа резултатот гласеше 1-1. „Фараоните“ за првпат сезонава влегоа во нокаут фазата од еден мундијал и вечерва одговорија на предизвикот, одиграа храбро, квалитетно и таквиот пристап им помогна да стигнат до место во следната рунда. Австралискиот селектор има за што да жали, особено за одлуката во 119. минута да го повлече оличниот голман Бич, на негово место уфрлувајќи го ветеранот Рајан кој не одбрани ниту еден удар од белата точка во пенал-рулетот.

Египет нешто подобро го отвори натпреварот, а „фараоните“ неочекувано поведоа по само 13. минута игра, користејќи ја својата прва шанса на мечот. Хафез нафрли во срцето на шеснаесетникот, а таму се најде Ашур кој со мајсторски удар со глава стрелаше во мрежата за водство на африканската селекција.

Првиот дел заврши 1-0, а „фараоните“ можат да жалат за големото промашување на Мармуш на самиот старт од второто полувреме. Буквално од почетниот удар Египет одработе маестрална акција за помалку од десет секунди, Мармуш се најде очи в очи со голманот, но стрелаше крај дирекот.

Како што одминуваше времето така Австралија се повеќе ја преземаше играта, па „кенгурите“ во 55. минута стигнаа и до среќно израмнување, откако Хани со несреќна интервенција ја смести топката во сопствената мрежа.

Најубавата шанса до крајот на мечот ја имаше Египет во 94. минута, кога по маестралниот центаршут на Салах во одлична ситуација се најде Рабија, но Бич со маестрална интервенција спречи гол и ова 1/16 финале мораше да биде решено со дополнителни 30 минути игра. Двете продолженија донесоа подобра игра на африканската селекција, но Египќаните не успеаја да постигнат втор гол и патникот во осминафиналето мораше да биде решен со пенал-рулет.’

фото: Facebook/ Egypt National Team

Интересна беше одлуката на австралискиот селектор, кој во 119. минута го уфрли ветеранот Рајан на голот на местото на расположениот Бич, со надеж дека Рајан ќе блесне токму во оваа пенал-завршница.

Сутар биеше далеку над гредата во првата серија за Австралија, по што Сабер беше прецизен и донесе почетна предност на Египет. „Фараоните“ ја задржаа минималната преедност и по третата серија, кога Салах со паненка стрелаше крај немоќниот Рајан. Младиот Херингтон биеше над гредата, за тотален шок на „кенгурите“, по што Хосам стрелаше прецизно во четвртата серија и го испрати Египет во историското прво мундијалско осминафинале.

Следен противник на „фараоните“ ќе биде победникот од вечерашниот дуел меѓу Аргентина и Зеленортските острови.

Се вчитува...