„Никогаш не сум го сакал Кристијано како човек, мисли дека е Бог и може да прави што сака“

Кристијано Роналдо ја шокираше јавноста со својот потег по натпреварот со Евертон. Манчестер Јунајтед во саботата беше поразен на „Гудисон“ со 1-0, а Роналдо беше премногу фрустриран од новиот пораз на неговиот тим.

Додека влегувал во тунелот, Португалецот насилно реагирал кон едно дете на трибините кои се обиделе да го снимат, Кристијано му го фрлил телефонот од рацете и го скршил.

Ваквиот потег на еден од најдобрите играчи на сите времиња ја шокираше светската јавност, особено кога мајката на ова дете се огласи и откри дека тоа е аутистично и првпат во животот било на фудбалски натпревар. Роналдо се извини за своите постапки и му понуди на навивачот и неговото семејство да му бидат гости на еден од натпреварите на Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“, но тоа тешко дека ќе се случи.

Неговиот потег и денес е главна тема на англиската јавност, а за тоа зборуваше и поранешниот играч на Ливерпул, Хозе Енрике, кој ја осуди реакцијата на Роналдо и призна дека Португалецот никогаш не му се допаѓал како човек.

„Отсекогаш сум велел дека не ми се допаѓа како личност. Тој мисли дека е Бог и може да прави што сака. Не можете да правите такви работи. Можеби е еден од најдобрите на сите времиња, но јас не го сакам, дури сега сите видовте зошто“, изјави поранешниот играч на Ливерпул.

Се вчитува...