„Ел Команданте“ не заборава: Македонците се најдобри ракометни навивачи во светот, не се сомневам во тоа

Раул Гонзалес останува запишан во историјата како тренер на екипата на Вардар што ја освои првата од двете европски круни. Шпанскиот ракометен генијалец, кој кај нас го доби прекарот „Ел Команданте“, во последните години со успех го води дрим-тимот на ПСЖ, но тивкиот стратег не го заборава времето минато во Скопје, како предводник на Вардар, а потоа и на македонската репрезентација.

Во својата колумна за „eurohandball”, Гонзалес меѓу другото се потсети и на периодот во кој остваруваше одлични резултати на чело на Вардар.

„Во 2014 година дојдов во Вардар, што се покажа како неверојатно искуство за мене, прв пат како прв тренер на една екипа. Бев навикнат на изненадувања уште од времето како играч и тоа ми послужи добро во Скопје, па брзо „кликнавме“ со луѓето од Вардар. Во 2016 година бевме елиминирани во битката за фајналфор од Фленсбург, но следната сезона блеснавме. Тоа беше неверојатно, нешто за што може да се напише книга. Имавме добра сезона, а потоа во Келн ги победивме Барселона и ПСЖ со по еден гол разлика. Минаа шест години, а се уште немам зборови да го опишам тоа чувство“, изјави Шпанецот.

Раул Гонзалес секогаш беше обожуван од македонските ракометни фанови, за кои шпанскиот стратег исто така има највисоко можно мислење.

„Не бевме фаворити во Келн, ги изненадивме гигантите и го кренавме пехарот во ЛШ. А во Македонија? Тоа беше тотално лудило… Исто така бев и селектор на Македонија, така што добро знам колку им значи ракометот на Македонците. Кога се вративме во Скопје, имаше над 100.000 луѓе на улиците за да ги поздрават шампионите. Тоа беше неверојатно, со рака на срце можам да кажам дека Македонците се најдобрите ракометни навивачи во светот. Начинот на кој го поддржуваат својот тим, страста кон спортот и кон своите идоли, тоа го нема никаде на друго место“, коментира Раул Гонзалес.

Се вчитува...