Елиф Елмас викендов против Рома ќе го игра последниот наторевар во дресот на Торино сезонава, откако одлуката да му се приклучи токму на овој клуб на позајмица од Лајпциг се покажа како вистински потег.
Македонскиот дијамант имаше неколку одлични изданија во дресот на „торинезите“, а во изјава за локалните медиуми Елиф имаше само пофални зборови за својот сегашен клуб, но и се осврна на кризата во првиот дел од сезоната додека беше дел од Лајпциг.
„Се чувствувам одлично во Торино, храната е убава, животот е навистина добар. Уживам во Италија, животот овде е прекрасен, многу поразличен отколку во Германија. Таму се се затвора во шест часот и луѓето се сите по дома, што за мене беше чудно… Брзо се адаптирав во Торино благодарение на моите соиграчи кои веднаш се погрижија да се почувствувам добредојден. Така е кога ќе се сретнеш со вистински луѓе“, изјави Елмас.
Позајмицата на Елиф во Торино истекува со последниот натпревар викендов, а мали се шансите тој да остане и во следната сезона откако стана јасно дека Торино нема намера да ја плати сумата од 17 милиони евра што ја бара Лајпциг за овој фудбалер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА