Елмас: Ова ми е втор меч во Гибралтар, но сега мора триумф!

ЕКИПА во Гибралтар,

Владимир Булатовиќ

За Елиф Елмас натпреварот во четврток во Лигата на нациите ќе биде за него втор на „Викторија стадионот“ во Гибралтар.

Елмас претходно како член на селекцијата до 17 години играше на УЕФА развојниот турнир во Гибралтар, во меч во кој против домаќинот одигравме 1-1 во регуларниот дел, со победа извојувана по пеналите.

„Да, за мене ова е втор натпревар на овој терен. Но, сега сигурно размислуваме само за триумф. Тогаш ремизиравме со селекцијата до 17 години предводена од Вујадин Станојковиќ“ – ни изјави Елмас по денешниот утрински тренинг на националниот тим.

Сосема е јасно е дека желбата на секој поединец е да се стартува со триумф во Лигата на нациите…

„Нормално дека сакаме само победа. Ние сме фаворити и верувам дека ќе ја оправдаме таа улога. Доколку добијам шанса секако ќе се потрудам да ја оправдам. Не е важно на која позиција би играл, тука е селектор да оцени каде сум најпотребен во националниот тим а мое е да одиграм најдобро што знам на терен. Мене ми е драго што атмосферата во селекцијата е одлична и тоа е најважно пред стартот на ова ново натпреварување преку кое сакаме и пласман на ЕП“ – вели Елмас.

Се вчитува...