Јувентус е на добар пат да го ангажира Емре Џан откако веќе постигнал договор за личните услови со германскиот репрезентативец од редовите на Ливерпул. Алегри не крие дека очекува ангажман на нов играч за врска во својот тим, а трофејниот стручњак го избрал Џан пред Немања Матиќ, кој по се изгледа сепак ќе заврши во Манчестер јунајтед.
Во прилог на италијанскиот првак оди фактот дека Германецот има само уште една година од договорот со Ливерпул, па доколку истиот не биде продолжен во следните дваесетина дена, тој сигурно ќе биде продаден до крајот на преодниот рок. Јирген Клоп и денеска истакна дека е оптимист околу иднината на својот сонародник и дека очекува наскоро да биде потпишан новиот петгодишен договор, но реалноста е дека преговорите траат со месеци наназад, но двете страни освен покажаната желба не можат да се пофалат со пронајден заеднички јазик за продолжување на соработката.
Весникот „Тутоспорт“, кој важи за близок до Јувентус, тврди дека сите детали со Џан се веќе средени, a првата понуда до Ливерпул ќе изнесува 35 милиони евра. „Црвените“ сигурно ќе се обидат да издејствуваат да добијат уште неколку милиони плус за овој трансфер, но јасно е дека доколку Џан соопшти дека не потпишува нов договор, Клоп ќе биде принуден да го продаде и да ги реинвестира парите во нов играч за врска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА