Енди Мареј го откажа настапот на Австралија Опен

Британскиот тенисер, Енди Мареј, ќе го пропушти првиот гран-слем во сезоната – Австралија Опен. Одлуката да се повлече од турнирот Мареј ја донесе поради проблеми со повредата на колкот која го мачи веќе подолго време.

Поранешниот прв светски рекет и троен гран-слем шампион, нема одиграно официјален натпревар уште од турнирот на Вимблдон минатата година.

Британецот има сериозни проблеми со колкот кои не успеа да ги санира за шест месеци, па во договор со лекарскиот тим одлучи да го прескокне „Ози Опен“ за да не дојде до поголеми компликации со повредата.

Мареј одигра еден егзибициски меч во Абу Даби против Роберт Баутиста Агут, на кој беше видливо дека тешко се движи и не е ни на половина од своите можности. Тој се надеваше дека ќе се врати на терен на турнирот во Бризбејн, но на два дена пред стартот мораше да откаже. А, неколку дена потоа стигна и официјалната потврда дека Мареј нема да биде подготвен ни за Австралија Опен.

Британскиот тенисер моментно е на 16.место на АТП листата.

Се вчитува...