ЕП 2020: Избрани групите и соседите – Хрватска во Грац, а Германија во Трондхајм

Во тек се квалификациите за претстојното ЕП што наредниот јануари ќе се одржи во три земји домаќини (Австрија, Шведска и Норвешка), а веќе е договорен и изборот на групите, заедно со по една соседна селекција што вообичаено можат да ја одберат сите домаќини на европските шампионати.

Така, Австрија првата фаза ќе ја игра во групата Б во Виена, а групата А во Грац е „резервирана“ за Хрватска. Во Норвешка двете групи, Ц и Д ќе се играат во ист град – Трондхајм, а скандинавците за втора селекција што ќе ја имаат крај себе ја избраа Германија, како носител на групата Ц. Третите домаќини, Швеѓаните, ќе бидат во групата Ф во Гетеборг, додека во Е ќе се натпреварува Данска во Малме, градот што само еден мост го дели од Копенхаген. Секако, сиот овој распоред зависи од фактот фаворитите да обезбедат учество на европскиот шампионат, што судејќи според стартот на квалификациите не би требало да претставува никакв проблем.

Ова ЕП ќе биде првото со зголемен број на репрезентации, од 16 на 24, што придонесува да дојде и до промени во системот на натпреварување. Во првата фаза селекциите ќе бидат поделени во шест групи од по четири, а најдобрите две од секоја група се пласираат во следната рунда (групите А до Ц се фузираат во Група 1 во Виена, а најдобрите од групите Д, Е и Ф се фузираат во група 2 што ќе се игра во Малме).

Најдобрите две селекции од групите 1 и 2 потоа се пласираат во полуфиналето, кое заедно со големото финале и мечот за бронзениот медал е предвидено да се игра во Стокхолм.

Македонија неочекувано загуби од Грција во второто квалификациско коло за ЕП 2020, но нашата селекција се уште има големи шанси за пласман на овој шампионат и одржување на континуитетот на настапи на големите натпреварувања. Квалификациите за нашиот национален тим продолжуваат со гостувањето против Исланд на 10 април, по што ќе следи и домашен натпревар со истиот ривал на 14 април.

Се вчитува...