Еуроникел со челична одбрана ја освои Кисела Вода

Еуроникел експресно се врати на победите во македонското првенство, рутински триумфирајќи на гостувањето против Академија ФМП со резултат 59-68. Цврстата одбрана беше рецептот за успех на тренерот Горан Самарџиев на овој натпревар, кавадарчани целосно ги неутрализираа главните оружја на домаќинот, стигнувајќи до третата победа во последните четири кола, за брза рехабилитација од убедливиот домашен пораз од Кожув минатиот викенд.

ФМП го контролираше резултатот во почетните десет минути, имаше водство од 18-13 и од 19-15, за на крајот воведната четвртина да заврши со 19-18. На одмор се замина со резултат 37-40 во корист на гостите, а како клучна се покажа третата четвртина, во која домашните кошаркари постигнаа само седум поени (7-15). Избраниците на тренерот Самарџиев потоа рутински го исконтролираа резултатот во последните десет минути, имаа двоцифрена предност во текот на целата четвртина и заслужено триумфираа со конечни 59-68.

Каплановиќ со 23 поени беше прв стрелец на победничката екипа, 13 поени додаде Бакоч, додека најефикасен во таборот на ФМП беше Блантон со 13 поени.

Се вчитува...