Евролигата попушти: Макаби и Хапоел се враќаат дома во Израел

Израелските кошаркарски клубови Макаби и Хапоел Тел Авив наскоро своите домашни натпревари ќе ги играат во сопствените арени во Израел, откако нивното барање за враќање дома беше прифатено на денешниот состанок на евролигашките клубови.

Хапоел дебитантската сезона во Евролигата како домаќин ја почна во Софија, додека Макаби веќе втора сезона домашните средби ги игра во Белград. Сепак, постигнатиот мировен договор за прекин на конфликтот во Газа придонесе израелските клубови експресно да поднесат барање за враќање на домашен терен, што им беше прифатено почнувајќи од 1 декември годинава.

„По конструктивната расправа беше донесена одлука од 1 декември годинава тимовите од Израел повторно да можат да играат натпревар во својата земја. Веруваме дека кошарката може да ги приближува луѓето и заедниците, но и да придонесе за мир низ вредности како што се спортот, почитта и единството“, објави Евролигата.

Во меѓувреме, Макаби вечерва во новиот евролигашки дуел ќе го пречека Реал Мадрид во Белград, додека Хапоел својот дуел од шестото коло ќе го игра утревечер во Софија против европскиот вицепрвак Монако.

Се вчитува...