ФА Куп: Лестер тоне во дупка без дно, Сити ќе игра „реприза“ со Хадерсфилд

Агонијата на Лестер на англиската фудбалска сцена се продлабочи откако актуелниот првак беше елиминиран и од ФА Купот на Англија, губејќи на гостувањето против третолигашот Милвол со 1-0. Раниери реши да настапи без Марез и Варди во стартниот тим, но и тоа не помогна премногу, откако „лисиците“ одиграа уште еден потпросечен натпревар. Лестер од 52. минута имаше и фудбалер повеќе на теренот, но и со таква поставеност на силите на теренот „лисиците“ го загубија овој меч, со голот на Камингс во 91. минута.

Манчестер сити одигра само 0-0 против Хадерсфилд, па тимот на Пеп Гвардиола во најлош момент (меѓу двата осминафинални дуели со Монако во ЛШ) ќе треба да игра уште 90 минути против овој ривал од Чемпионшип дивизијата за да обезбеди пласман во четвртфиналето. Гвардиола експериментираше со тимот и го остави Агуеро во нападот помогнат од Навас, Нолито и од Делф, но со таков комбиниран тим „граѓаните“ не успеаја да слават над незгодниот ривал.

Мидлсброу се пласираше во следната рунда откако во драматичен дуел славеше над Оксфорд со 3-2. „Боро“ водеше со 2-0, гостите се вратија и израмнија, а голот за победа и пласман во четвртфиналето го постигна Стуани во 86. минута.

Се вчитува...