Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) остро го казни лондонскиот клуб Челси, откако беше пријавено дека клубот направил неправилности во дури 74 различни случаи. Челси ќе мора да плати 10 милиони фунти (11,7 милиони евра) и нема да може да ангажира нови играчи во следните два преодни рока.
На Челси нема да му бидат одземени бодови пред почетокот на претстојната сезона во Премиерлигата, бидејќи беше поднесена жалба на првичната одлука „сините“ да ја започнат сезоната со минус шест бода.
„ФА го обвини Челси за 74 прекршувања на Правилото E1.2, бидејќи сегашната управа на клубот, по преземањето на раководењето, самостојно ги пријавила неправилностите. ФА продолжува да ги истражува поединечните случаи на прекршоци кои произлегуваат од овој случај.
Челси ги призна сите 74 прекршувања на Правилото E1.2 пред одржувањето на сослушувањето, а независната Регулаторна комисија изрече казна од шест бода (условна до 30 јуни 2027 година), како и парична казна од 10 милиони фунти. Клубот поднесе жалба на условното одземање на бодовите; независната Комисија за жалби ја прифати жалбата и, по дополнително сослушување, ја укина таа санкција. Наместо тоа, Комисијата за жалби изрече забрана за регистрирање играчи во два целосни последователни преодни рока, која е условна до 30 јуни 2027 година.
На паричната казна од 10 милиони фунти, изречена од Регулаторната комисија, не беше поднесена жалба, па целиот износ ќе биде инвестиран во развојот на фудбалот на најниските нивоа“, стои во соопштението на ФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
