Често пати Барселона во јануари се обидувала да ги „закрпи“ дупките во нападот, неретко со ангажирање на играчи кои веројатно никогаш не ни сонувале дека ќе заиграат за каталонскиот клуб. Претходно се бараа алтернативи за Луис Суарез, а сега на Барса едноставно и е потребна уште една опција во нападот. Своевремено во зимскиот преоден рок договори потпишуваа Кевин Принс Боатенг и Мартин Брајтвајт, а оваа зима тоа би можел да го направи Диего Коста.
Како што пренесува каталонски „Спорт“, искусниот напаѓач е понуден на клубот од „Камп Ноу“. Бразилецот со шпански пасош е без клуб откако неодамна го напушти Атлетико Минеиро. Се пишуваше дека во своите редови сака да го види и италијанска Салернитана, дека има понуда од Анталија, а интерес покажаа и Коринтијанс и Еибар. Самиот фудбалер преку социјалните мрежи истакна дека сака да се врати во Шпанија, а најновите информации велат дека би можел кариерата да ја продолжи во Барселона.
Каталонците по ангажманот на Феран Торес и Адама Траоре наводно бараат уште еден центарфор. Се пишуваше за Алваро Мората, но таа можност е отпишана. Се уште се работи на трансферот на Пјер Емерик Обамејанг кој е на маргините во Арсенал, а сега е откриено дека една од опциите е и Коста.
„Спорт“ напоменува дека се ќе зависи од судбината на Усман Дембеле од кого Барса се обидува да се раздели до крајот на преодниот рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА