Фазлагиќ по крајот на квалификациите: Штета за испуштените бодови, заслуживме на ЕП!

Осврнувајќи се на завршениот квалификациски циклус во кој младата репрезентација на Македонија со 18 бода заврши на второто место во групата, и само за неколку бода остана покуса за настап на Европско првенство, фудбалерот од средниот ред Енис Фазлагиќ, вели дека жали што единствено коронавирусот не дозволи селекцијата да се бори за пласман на ЕП.

УЕФА го промени начинот на пласман, па Македонија нема да игра бараж, а остана покуса само за неколку бодови од најдобрите пет второпласирани селекции кои директно обезбедија место меѓу најдобрите на Стариот континент.

„Одигравме навистина одлични квалификации и вистинска штета е што пандемијата на коронавирусот ни застана на патот на ЕП. Штета и за некои испуштени бодови кои ги заслуживме, затоа што според игрите кои ги покажавме низ квалификациите мислам дека заслуживме место на Европското првенство. Вчерашниот натпревар против Црна Гора беше круна на тоа што одработивме на сите квалификациски мечеви. Можеме да бидеме задоволни за овие квалификации. Секој натпревар го игравме со 100% од силите, онака како што треба во дресот на државниот тим“ – вели Фазлагиќ.

Се вчитува...