Федерер заминува во пензија со неисполнета желба: Најмногу жалам што не одиграв меч со еден чудесен тенисер!?

Легендарниот Роџер Федерер, еден од најдобрите тенисери на сите времиња, утре во игра на двојки на „Лејвер купот“ во Лондон ќе го одигра последниот меч во пребогатата кариера, но со најава дека и понатаму ќе остане дел од „белиот спорт“.

Швајцарецот потенцираше дека нема да го следи примерот на Бјорн Борг, кој 25 години по пензионирањето не стапнал на тениски терен. Роџер воедно истакна дека во пензија ќе замине со една неисполнета желба.

„Жал ми е што не одиграв ниту еден меч со чудесниот Карлос Алкараз, кого уживав да го гледам на ‘Ју-Ес опен’. Одамна реков дека ќе се појават нови ѕвезди, а тој е една од нив. Само еднаш тренирав со него додека беше јуниор на ‘Вимблдон’ и уште од тогаш се гледаше дека ќе биде фантастичен“, дополни швајцарската легенда.

Федерер откри дека најубаво се чувствувал кога го минал Пит Сампрас на врвот тенисери со најмногу титули (тогаш 15) и тоа со негово присуство на трибините.

Се вчитува...