Ферстапен е страв и трепет во Формула 1: Најбрз и во Хунгароринг, за седма победа во низа

Макс Ферстапен ја продолжува неверојатната доминација во Формула 1 шампионатот откако актуелниот првак славеше и на денешната трка на Хунгароринг во Будимпешта, за фантастична седма победа во низа во Ф1, вкупно 44. триумф за него во извонредната кариера.

Асот на Ред бул извозе уште една рутинска трка, во која главната работа ја заврши на самиот старт, минувајќи го Луис Хамилтон кој ја имаше пол-позицијата на самиот почеток. Ферстапен најпрвин изби на чело на колоната, а потоа само ја зголемуваше предноста и не дозволи победата во ниту еден момент да му биде доведена во прашање. Хамилтон стартуваше катастрофално, па веќе до вториот свиок од првата падна на четвртата позиција. Поранешниот светски првак на крајот мораше да се задоволи само со , четвртото место, откако на десетина круга до крајот успеа да го мине Пјати.

Покрај Ферстапен, место на победничкиот подиум имаше за второпласираниот Норис и за Перез на третата позиција, а зад Пјати оваа трка ја завршија Леклер, Расел, Саинц, Алонсо и Строл.

Одбраната на титулата веќе е речиси сигурна работа за Ферстапен. Доминацијата на холандскиот возач најдобро ја потврдуваат седумте победи во низа, вкупно девет во првите 11 трки од оваа сезона. Единствениот кој успеал да го победи Ферстапен сезонава е неговиот тим колега Серхио Перез, кој беше најдобар во Саудиска Арабија и во Азербејџан.

Се вчитува...