Ферстапен царуваше низ улиците на Монте Карло

Доминацијата на Макс Ферстапен во Формула 1 шампионатот продолжи и на денешната трка за ГН на Монако, на која актуелниот светски првак лесно стигна до победата.

Откако на претходните трки се мачеше во квалификациите, асот на Ред Бул овојпат стартуваше од пол-позицијата, што значително му ја олесни задачата за време на трката. Ферстапен го одби нападот на Фернандо Алонсо на самиот старт, по што како што одминуваше времето, така возачот на Ред бул ја зголемуваше и предноста во однос на ривалите.

Дождот донесе дополнителни проблеми на патеката, но не се одрази на битката за највисок пласман, па Ферстапен рутински стигна до првото место со повеќе од 20 секунди предност пред Фернандо Алонсо. Третото место му припадна на Окон, по кого следеа двајцата возачи на Мерцедес, Луис Хамилтон и Џорџ Расел.

До бодови на оваа трка стигнаа и Леклер, Гасли, Саинц, Норис и Оскар Пиастри.

Се вчитува...