ФИБА Еврокуп: Рајковиќ и Автодор триумфално против Сарагоса

Македонскиот стратег Емил Рајковиќ и неговиот Автодор со победа ја започнаа новата сезона во ФИБА Еврокупот. На домашен терен беше совладана шпанската Сарагоса со убедливи 100-80 благодарение на перфектно второ полувреме.

Избраниците на Рајковиќ по изедначената прва четвртина (23-21) на полувремето заминаа со негатива од 40-47 откако шпанскиот состав блесна во втората четвртина со 26 постигнати поени, наспроти 17 на домаќинот. Но, најдоброто од рускиот состав допрва следеше. Автодор одигра убедлива трета четвртина која ја доби со 28-13, а одличниот моментум продолжи и во последните десет минути во кои Русите постигнаа 32, а противникот 20 поени за убедлива победа.

По натпреварот македонскиот стратег не го криеше задоволството од прикажаното на неговиот тим.

„Очигледно, тоа беше натпревар против противник на високо ниво, што ни создаде многу проблеми. Особено во првото полувреме од натпреварот, гостите водеа со 40-47 до паузата, а нашата игра во одбраната не ни дозволи да сметаме на победа. Во третата четвртина, почнавме да играме многу подобро во одбраната и постигнавме неколку важни поени. Беше многу важно да се победи со поголема разлика во резултатот, бидејќи во групната фаза разликата помеѓу постигнатите и примените поени е важна. Можеби постои ситуација во која неколку тимови ќе имаат ист број бодови, па сакавме да победиме со максимална можна предност.Покрај тоа, морав да им дадам шанса на младите играчи да го почувствуваат својот домашен паркет, особено во првата домашна победа. Конечно ја подобривме одбраната и треба да тргнеме од тоа во следните натпревари. Генерално, задоволен од денешната игра“, изјави Рајковиќ.

За Рајковиќ и Саратов овој триумф воедно значеше и враќање на победите по поразот од фаворитот Локомотив Кубан во ВТБ лигата, а шанса за победничка серија рускиот тим гледа во натпреварот против Тсмоки Минск.

Се вчитува...