ФИФА покрена истрага: Крај на СП за Домагој Вида?!

Домагој Вида се соочува со суспензија од два натпревари, токму во завршницата од СП 2018 откако ФИФА реши да покрене истрага за неговото однесување по синоќешниот триумф над Русија.

Вида славеше во друштво на поранешниот репрезентативен колега Огнен Вукојевиќ, со кого заедно настапуваше во Динамо Киев, при што дефанзивецот гласно извикува „Слава на Украина“ – слоганот на војската во оваа земја. На ова веднаш реагираа Русите, кои пораката на Вида ја оценија како политичка провокација, сосема непотребна за едно спортско натпреварување.

„ФИФА ги истражува различните извештаи по натпреварот, како и потенцијалните докази. Додека не ги прибереме сите докази во истрагата нема да даваме дополнителни информации за случајот“ – порачаа од ФИФА.

Доколку биде прогласен за виновен, Вида ќе биде казнет со два меча неиграње (полуфиналето и финалето или мечот за третото место) и парична казна од најмалку 5.000 франци. Хрватите сепак сметаат дека неговиот однос не заслужува драконска казна, па се надеваат на поблага санкција, како паричните казни што им беа изречени на Швајцарците Џака и Шаќири за нивниот однос за време на натпреварот со Србија.

Се вчитува...