Фијаско на крајот: МЗТ загуби добиен меч во Словенија

МЗТ Скопје ја пропушти шансата да остане единствен клуб со максимален ефект по три кола од АБА2 лигата откако македонскиот вицешампион по голема битка загуби во „дуелот на непобедливите“ од Приморска со резултат 91-84, по продолжение од пет минути. Аеродромци имаат за што да жалат бидејќи имаа водство во голем дел од мечот, на 79 секунди до крајот водеа со осум поени разлика, но ја прокоцкаа оваа позитива и по дополнителни пет минути го загубија мечот.

„Металците“ одлично го почнаа натпреварот, по пет поени постигнаа Бојиќ и Вудард, па по положувањето на Иванов за водство од 6-12 домашниот тренер побара тајмаут. Бојиќ продолжи со добра игра и набрзина стигна до девет поени, МЗТ продолжи да го контролира резултатот, македонскиот вицепрвак имаше и осум поени предност (10-18), но истата се преполови на крајот од првата четвртина (18-22).

„Сино-белите“ беа подобар противник и на стартот од вториот период, во неколку ситуации поведоа со по девет поени, но поранешниот член на МЗТ, Иван Маринковиќ, им создаваше многу проблеми под рекетот, па тренерот Кочов побара тајмаут при водсттво на својот тим од „плус пет“ (26-31). Играта во одбрана се консолидираше, повторно се стигна до „плус девет“, но потоа во последната минута дојде до пад на концентрацијата, што словенечкиот состав го искористи за да намали на 36-38, пред Медфорд да погоди тројка со звукот на сирената, за конечни 36-41 по дваесет минути игра.

Американскиот плејмејкер ја почна и третата четвртина со пет брзи поени, но како што минуваше времето проблемите во нападот стануваа се поголеми, па домаќините со својата прва тројка на мечот (по десет промашувања) преку Хоџиќ во 25. Минута стигнаа до водство од 51-49. Приморска се разигра и лесно реализираше, па словенечкиот претставник ја заврши третата четвртина со предност од 61-55.

Одбраната профункционира како што треба на стартот од последниот период, кога во првите пет минути на Словенците им беше дозволено да реализираат само два поени. Во нападот одлични беа Вудард и Младеновски, па МЗТ на половина од четвртината поведе со 63-68. МЗТ беше на работ на лесна победа (69-77 на 1:19 минута до крајот), но во финишот Хоџиќ со две тројки во низа намали на 75-77 на 40 секунди до крајот, а по загубената топка на Младеновски истиот кошаркар погоди за израмнување на 77-77 на триесет секунди до крајот. Медфорд погоди тројка со звукот на сирената, но судиите оправдано ја поништија бидејќи времето веќе беше изминато.

Полни со самодоверба, домашните кошаркари го искористија шокот во таборот на МЗТ, од самиот почеток од продолжението стигнаа до предност и го контролираа резултатот се до конечните 91-84. Џејмс Вудард со 20 поени беше најефикасен кај МЗТ, 15 поени реализираше Иванов, а 13 Бојиќ. Мора да се истакне и очајниот скор кога станува збор за борбата под обрачите, каде словенечкиот состав имаше дури 19 офанзивни скокови, или вкупно 47 скокови, наспроти 33 на „металците“.

Во рамките од четвртото коло македонскиот претставник на домашен терен ќе го пречека Ловќен, тим што по првите три кола има една победа и два порази.

Се вчитува...